Ко-основачот на „Мајкрософт“ Бил Гејтс ја задржа водечката позиција на листата 400 најбогати Американци според магазинот „Форбс“ за 2015-та, со богатство од 76 милијарди долари.
Иако богатството на Гејтс оваа година се намали за пет милијарди долари во однос на минатата, тој и натаму е најбогатиот човек во САД.
Втор на листата, која познатото американско бизнис списание ја објавува веќе 22 години, и оваа година е инвеститорот и извршен директор на компанијата „Беркшир Хатавеј“, Ворен Бафет, со нето вредност на средства од 62 милијарди долари, што е пад во однос на минатогодишните 67 милијарди долари.
Вкупното богатство на 400-те најбогати Американци порасна во однос на лани од 2,29 на 2,34 илјади милијарди долари. Просечното нето богатство на 400-те најголеми американски богаташи порасна од минатогодишните 5,7 милијарди на 5,8 милијарди долари. Богатство од 1,7 милијарди долари беше минимумот кој е неопходен да се биде дел од листата на „Форбс“, додека во 2014-та беа неопходни нешто помалку – 1,7 милијарди долари.
Третата позиција исто како и лани, му припадна на поранешниот директор на „Оракле“, Лери Елисон чие богатство падна од 50 на 47,5 милијарди долари.
Меѓу десетте најбогати луѓе во САД, оваа година се најдоа и тројца кои имаат бизнис во „IT“ секторот. Основачот на „Амазон“, Џеф Безос се искачи од 15-тото место на четвртото со богатство вредно 47 милијарди долари.
Основачот на „Фејсбук“, Марк Цукерберг од 11-то место на кое беше лани, стигна на седмото со богатство кое се проценува на 40,3 милијарди долари, додека Лери Пејџ, ко-основачот на „Гугл“, дојде на 10-то место од минатогодишната 13-та позиција. Вредноста на неговото богатство изнесува 33,3 милијарди долари.
Петото и шестото место го делат браќата Чарлс и Дејвид Кук, во чија сопственост е „Кук индустрија“, а богатството на секој од нив е проценето на 41 милијарда долари.
На осмото место е некогашниот градоначалник на Њујорк, Мајкл Блумберг, сопственик на компанијата „Блумберг“ со богатство од 38,6 милијарди долари.
Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп се најде на 121-вото место, а вредноста на неговото богатство е проценета на 10 милијарди долари.