Њујорк е најбогатиот град во светот, во кој моментално живеат 359.000 милионери и 60 милијардери, покажуваат најновите истражувања на лондонската агенција „Henley & Partners“ и јужноафриканската фирма „New World Wealth“ за 2024 година.
Во последните 10 години, бројот на милионери во Њујорк пораснал за 48 отсто, а нивното вкупно богатство сега е повеќе од три трилиони долари, што е повеќе од БДП на земји како Бразил, Италија или Канада, пренесува CNBC.
На второ место е Сан Франциско и целата област на заливот, каде популацијата на милионери пораснала за 82 отсто во последната деценија на 305.700, а оваа област води по бројот на милијардери, со 68. САД водат по бројот на богати градови, бидејќи 11 од вкупно 50 најбогати градови во светот се наоѓаат во таа земја. На трето место е Токио со 298.300 милионери и 14 милијардери.
Топ 10 градови
Во првите десет влегоа и Сингапур, Лондон, Лос Анџелес, Париз, Сиднеј, Хонг Конг и Пекинг. Еден кинески претставник за прв пат се најде на листата на 10-те најбогати градови во светот, бидејќи бројот на милионери во Пекинг се зголеми за 90 отсто на 125.600 во последната деценија. Француски Фигаро привлекува внимание на фактот дека во Париз и во целиот париски регион Ил де Франс се регистрирани 165.000 милионери и 23 милијардери, што теоретски значи дека еден од 74 жители на таа област е милионер.
Шармот на „француската ривиера“ сè уште постои, бидејќи повеќе од 25.000 милионери, меѓу кои девет милијардери, се населиле во крајбрежниот појас меѓу Ница и градот Езе, истакнува Фигаро. Ако ја погледнеме само Европа, на листата на најбогати градови високо котираат и Милано, Франкфурт, Цирих или Женева.