Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) поради падот на побарувачката од земјите во развој ја намали прогнозата за глобалната побарувачка на нафта во 2016-та година, соопштува „АП“.
Ниските цени на нафтата би биле доволни за непречено зголемување на побарувачката во наредната година, но можат да доведат речиси до запирање на проширувањето на приносите од страна на земјите надвор од организацијата.
Подобриот од очекуваниот економски раст во САД и во еврозоната, оваа година е главната причина ОПЕК да ја зголеми малку прогнозата за побарувачката во оваа година или за 1,46 милиони барели дневно до вкупно 92,79 милиони барели на ден.
За 2016-та година, сепак ОПЕК ја намали прогнозата за побарувачката за 1,29 милиони барели дневно или до 94,08 милиони барели дневно, а причина за тоа е забавувањето на економскиот раст во Латинска Америка и Кина.
Поради доцнењето на кинеската економија, организацијата ги намали и очекувањата за глобалниот економски раст до 3,1% за оваа година и 3,4% за следната.
Организацијата потенцира дека американските производители конечно почнуваат да го чувствуваат влијанието на опаѓањето цени. Во извештајот на ОПЕК се наведува дека „сите погледи се насочени кон тоа колку брзо ќе се намали американското производство“.
ОПЕК ја намали прогнозата за производство на САД во 2015-та година за 100.000 барели дневно или до 13,75 милиони барели, наведува „BusinessInsider“.
Новата прогноза на ОПЕК следува по извештајот на Меѓународната агенција за енергетика, која исто така предупреди дека поради ниските цени може да се очекува пад на приносите на „црното злато“, најмногу во земјите надвор од организацијата.