29 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВреме е да купите огревно дрво – наесен сигурно ќе биде поскапо

Време е да купите огревно дрво – наесен сигурно ќе биде поскапо

И покрај зголемената потрошувачка и предупредувањата за можни покачувања на цените, огревното дрво во Македонија и оваа пролет останува достапно за граѓаните по ланските цени.

Во приватните стоваришта, цената за еден кубен метар бука и даб се движи околу 4.500 денари со вклучен превоз, додека во стовариштата на ЈП „Национални шуми“, цените се уште поповолни.

Како што предвидуваат економските аналитичари, овие цени засега се одржуваат стабилни и се очекува да останат такви во блиска иднина.

На социјалните мрежи се шират гласини дека цените на огревното дрво би можеле да пораснат и да достигнат цена повисока од 100 евра за кубик во есенскиот период.

Сепак, од стовариштата уверуваат дека имаат доволни залихи и дека се подготвени да ги задоволат потребите на муштериите.

Пензионерот Петар Каревски од Ѓорче Петров, кој секоја година купува дрва за огрев во пролетните месеци, вели:

„Секогаш купувам напролет бидејќи тогаш цените се најниски. Со оглед на тоа што сум во пензија, морам да планирам однапред и да заштедам онаму каде што можам да заштедам”.

Додека се очекуваат потенцијални промени во цените на енергенсите на глобално ниво, македонските домаќинства можат да бидат сигурни дека, барем засега, огревното дрво останува економична и достапна опција за греење.

Од ЈП „Национални шуми“ објаснуваат дека од нивните складишта можат да се купат дрва на рати, но тоа важи само за социјално-ранливите категории граѓани, како и за семејствата на бранители кои можат да купат огрев на 8 и повеќе рати.

„Склучените договори со здруженија на пензионери, со училишта, градинки, имаат приоритет и тие дрва се плаќаат на рати“, велат од ЈП „Национални шуми“.

Експертите ги советуваат граѓаните, доколку имаат можност, уште сега да го набават својот огрев, бидејќи, како што објаснуваат, дрвото најголема топлина дава кога е полусуво, а и сега цената му е најповолна.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП