Претставниците на Федералните резерви не се подготвени да кажат дека инфлацијата се движи кон годишната цел на централната банка од два проценти, откако податоците од минатата недела покажаа омекнување на потрошувачките цени во април. Неколку претставници на ФЕД повикаа на претпазливост во политиката.
„Прерано е да се каже дали неодамнешното забавување на дезинфлацијата ќе биде долготрајно“, рече потпретседателот на ФЕД, Филип Џеферсон на конференцијата на Здружението на хипотекарни банкари во Њујорк, иако тој ги нарече статистиките од април „охрабрувачки“, според Ројтерс.
Џеферсон ја опиша сегашната монетарна политика како рестриктивна и одби да каже дали очекува намалувањето на каматните стапки да започне оваа година: Тој истакна дека внимателно ќе ги процени влезните економски податоци, прогнозите и билансот на ризици.
Зборувајќи одделно на конференцијата на ФЕД во Атланта, потпретседателот за надзор Мајкл Бар рече дека „разочарувачките“ податоци за инфлацијата во првиот квартал „не ја обезбедија зголемената доверба за која се надевав дека ќе го поддржат монетарното олеснување“.
Претседателката на Федералните резерви од Кливленд, Лорета Местер рече дека сегашната монетарна политика е рестриктивна, но дека носителите на одлуки треба да чекаат повеќе докази за патеката на инфлацијата пред да ги прилагодат каматните стапки, според Блумберг.
Местер, која претходно се залагаше за три намалувања на стапките оваа година, рече дека не мисли дека три намалувања сè уште се соодветни за 2024 година, со оглед на податоците за инфлацијата во првиот квартал. Местер рече дека сè уште очекува инфлацијата да се намали, само не брзо. Таа посочи дека ако напредокот на целите на централната банка од два проценти застане, носителите на одлуки би можеле да ги зголемат трошоците за задолжување.