Бројот на Грци кои вложиле најмалку 50 евра на единствената берза на биткоини во Грција BTCGreece, скокна за 400 отсто од мај до јуни, додека просечниот депозит е четирикратно зголемен на 700 евра, соопшти основачот на берзата Танос Маринос.
Употребата на биткоинот им овозможува на Грците да ги повлечат парите од своите банкарски сметки и доколку сакаат можат да ги префрлат од државата.
Постои најмалку еден легален начин Грците да префрлат евра од државата за да се заштитат од евентуалните последици од излез од еврозоната и враќање кон драхмата, а тоа е трансфер на пари во биткоин.
Податоците на BTCGreece укажуваат на скок на интересот за дигиталната валута која е вон домет од монетарните власти и со која може да се тргува само со еден клик на екранот од паметен телефон.
Банките во Грција се затворени од минатата недела, со дневен лимит на подигнување на средства од банкомати од 60 евра.
Финансиската криза брзо се шири па бројни бензински пумпи и помали компании престанаа да примаат кредитни картичи.
Трансфер на средства е оневозможен за да се спречи колапс на банкарскиот сектор откако грчкиот премиер Алексис Ципрас го отфрли предлогот на меѓународните кредитори и распиша референдум на кој граѓаните се изјаснија против прифаќањето на предлогот на меѓународните кредитори.