Агенцијата за приватизација на Грција објави дека до крајот на април треба да ги добие понудите на оние што сакаат да учествуваат во приватизација на државните активи.
Шефот на агенцијата Јанис Емирис изјави дека процедурите се во тек и дека планираните приватизации ќе покажат дека Грција широко ги отворила вратите за инвеститорите.
Тој истакна дека агенцијата очекува да добие понуди за двете гасни компании ДЕПА и ДЕСФА и за компанијата за спортско обложување ОПАП, кои се меѓу приоритетно објавените за приватизација од Владата во Атина.
– Ако приватизацијата е успешна, може да се очекува дека голем дел од целта за наоѓање на приходи во буџетот ќе биде постигната, рече Емирис.
До 2020 година во буџетот треба да влезат 22 милијарди евра, а не 45 колку што беа првично планирани. Оваа година Грција се надева да собере 4,9 милијарди евра.