Бројни клубови се заинтересирани во своите редови да го доведат играчот од средниот ред на Милан, кој на крајот на сезоната ќе стане слободен играч.
Фудбалерот на „росонерите“ и репрезентацијата на Холандија, Најџел де Јонг, е подготвен да премине во редовите на Манчестер Јунајтед, доколку „црвените ѓаволи“ му понудат плата од 80.000 фунти неделно.
На Де Јонг му истекува договорот со Милан налето и ќе стане слободен играч.
Како што пренесуваат англиските медиуми, поранешниот играч на Манчестер Сити нема никакви проблеми да го облече дресот на градскиот ривал, а не стравува ниту од реакцијата на навивачите на Јунајтед.
Тој се наоѓа на мета на бројни европски клубови, а меѓу најзаинтересираните покрај Манчестер, се Рома, Севиља и Јувентус.
Познавајќи ја филозофијата на Ван Гал, кој обожува играчи од Холандија, многу е веројатно неговиот сонародник да пристигне на „Олд Трафорд“.