Економијата на еврозоната заживува судејќи според индексот на деловната активност, кој во март достигна највисоко ниво во последните четири години.
Компанијата Маркит, која се занимава со финансиски информации и услуги, соопшти дека индексот на менаџерите за набавка (ПМИ) во еврозоната пораснал на 54,1 поен, од 53,3 поени во февруари, што е најмногу од мај 2011 година.
Секоја вредност на овој индекс над 50 поени укажува на проширување на економските активности, наведува Маркит и додава дека растот главно е поттикнат од новите нарачки и дека подобрувањата се забележани во разни сектори.
Истражувањето на Меркит покажа дека Германија, најголемата економија на еврозоната, има особено добри резултати, а дека и ситуацијата во Франција се подобрува.
Главниот економист на Маркит, Крис Вилијамсон, изјави дека неодамна покрената нова програма на монетарни поттикнувања од Европската централна банка е покрената во време кога економскиот подем на еврозоната веќе започнал да добива на сила.