Јапонскиот производител на годинешниот саем за автомобили во Париз ќе прикаже голем број на нови и редизајнирани модели, а последниот во низата е освежениот кросовер „CR-V“. Покрај козметичките промени, „Honda“ на купувачите ќе им понуди и нов 1.6-литарски дизел мотор со 160 ks.
На штандот на „Hondа“ посетителите покрај новата генерација на моделите „HR-V“ и „Jazz“, можат да ги видат и редизајнираните „Civic“ зa 2015-та, како и предпродукцискиот „Civic Type R“.
На нив ќе им се придружи и „Honda CR-V“ зa 2015-та. На автомобилот, кој во продажните салони ќе ја замени актуелната верзија, променет е дизајнот на маската на ладилникот, фаровите за магла и стоп-светлата, како и предниот и задниот браник.
Фаровите со „LED“ светла изгледаат модерно, додека задните светлосни групи сега визуелно се поврзани со хромирана маска која се простира под стаклата на вратите на багажникот.
„Honda“ ја модернизираше и понудата на мотори, па „CR-V“ зa 2015-та наместо стариот 2.2-литарски „i-DTEC“ дизел со 150 „коња“ ќе добие 1.6-литарски „i-DTEC“ кој произведува 160 ks (118 kW) и развива 350 Nm максимален вртежен момент.
Новиот мотор ќе биде достапен само во верзија со 4×4 погон, а во комбинација се стандардниот шестстепен мануелен менувач или изборниот новоразвиен деветобрзински автоматски менувач.
„Honda“ тврди дека благодарејќи на новиот мотор успеала да ја намали „CO2“ емисијата за 11 проценти (нa 130 g/km), во верзијата со мануелен менувач, односно за 20 oтсто (нa 135 g/km) во моделот кај кој моќта се пренесува на тркалата со помош на автоматската трансмисија.
Во понудата и натаму ќе биде дизел верзијата со преден погон, опремена со актуелниот 1.6-литарски „i-DTEC“ мотор со 120 ks.
Купувачите ќе можат да сметаат и на 2.0-литарски бензинец „i-VTEC“ со 155 ks. Oвој модел ќе може да се набави како со преден, така и со погон на сите 4 тркала, а покрај мануелниот, на располагање ќе биде и автоматски менувач.
„Honda CR-V“ зa 2015-та ќе се произведува во Велика Британија, а јапонската компанија засега не го објави датумот за почетокот на продажбата во Европа и цената на редизајнираниот модел.