Стапката на невработеност во Словенија во јуни оваа година изнесувала 12,8 проценти, што е за 0,2 процентни поени помалку во однос на претходниот месец, објави словенечкиот Државен статистички завод.
Стапката на невработеност во Словенија се намалува веќе неколку месеци по ред, така што во јуни оваа година беше на нивото од јуни минатата година.
Невработени биле 117,352 лица. Бројот на регистрирани невработени мажи се намалил за 1,800 во однос на претходниот месец,а бројот на невработени жени за околу 300.
Стапката на невработеност меѓу мажите е намалена од 12,1 проценти во мај на 11,7 проценти во јуни, а меѓу жените од 14,2 проценти на 14 проценти.
Стапката на регистрираната невработеност најмногу е намалена кај лицата на возраст од 15 до 29 години, за 0,7 процентни поени, и таа изнесува 21,7 проценти, а најмалку кај лицата од 30 до 54 години, односно за 0,1 процентен поен, на 9,9 проценти.