Иако доведувањето на еден напаѓач не звучи логично, Сити често пати во минатото превземаше вакви потези, па не би било чудно овој трансфер и да се оствари! Имено, како што дознаваат некои англиски медиуми, агентот на Фалкао се сретнал со официјални лица на „граѓаните“.
Фалкао се рехабилитира од тешката повреда на коленото и во мислите му е исклучиво настапот на Мундијалот во Бразил.
Колумбиецот оваа сезона пристигна во Монако од Атлетико Мадрид, но и пред неговата повреда можеа да се слушнат приказни дека на крајот од сезоната ќе си замине од Кнежевството.
Се споменуваат Реал и Челзи, но изгледа дека во овие муабети сериозно е влезен Сити.
„Граѓаните“, иако беа најголемите фаворити за освојување на титулата во Англија, тие во многу значајниот натпревар загубија од Ливерпул, а потоа им приредија вистински шок на своите навивачи на „Етихад“, кога едвај извлекоа бод на средбата со Сандерленд.
Пребогатите сопственици во минатото при неуспех доведуваа нови и нови напаѓачи, иако очигледно нападот не е проблем, затоа што на последните две средби земаа само бод, а постигнаа дури четири гола.
Сепак, политиката не се менува, Фалкао е „метата“, а најверојатно целата работа со Монако ќе биде завршена пред почетокот на Светското првенство.
Понудата е 50 милиони фунти, а имајќи предвид дека Фалкао се враќа по тешка повреда и дека не се знае како ќе игра кога ќе се врати на теренот, експертите сметаат дека Монако и може да ја прифати оваа понуда и со тоа да го врати вложеното за Колумбиецот.