Неколку дена пред почетокот на саемот во Њујорк, „Nissan“ ги објави првите фотографии и технички детали на новата генерација на кросоверот „Murano“.
Иако има целосно променет дизајн во споредба со претходникот, за оние кои се сеќаваат на концептот „Resonance“ од 2013-та, изгледот на новиот „Nissan Murano“ не претставува изненадување.
„Nissan“ искористи повеќе стилски детали од концептот и ги примени на продукцискиот модел, помалку или повеќе во поблага форма.
На предниот дел тука се фаровите во форма на бумеранг и т.н. „V-motion“ маска на ладилникот. Позади се стоп светлата со специфичен облик и скриен „D“ столб со што се создава оптичка илузија дека покривот не е поврзан со остатокот на каросеријата.
Големата панорамска стаклена површина која на концептот продолжуваше на шофершајбната и се простираше долж целата кабина, го отстапи местото на класичниот покрив.
Панорамското стакло со значително помали димензии ќе биде достапно како опција, исто како и големите 20-инчни алуминиумски бандажи.
Внатрешноста нуди лукуз во премиум класата. Практично, целата кабина е обложена со кожа и украсни детали од дрво.
На врвот на централната конзола се наоѓа 7-инчен екран од мултимедијалниот систем, додека аудио уредот е од компанијата „Bose“.
На американскиот пазар, третата генерација на моделот „Nissan Murano“ ќе биде понуден со 3.5 литарски „V6“ бензински мотор со 264 ks (194 kW) и 325 Nm максимален вртежен момент.
Моторот е поврзан со „Xtronic“ автоматски менувач, а купувачите можат да одберат помеѓу верзиите со преден и со погон на сите четири тркала.
Се очекува на другите светски пазари палетата на мотори да биде проширена со уште неколку агрегати, вклучувајќи и дизел варијанта. Новиот „Nissan Murano“ ќе пристигне во продажните салони наесен, кога ќе биде позната и неговата цена.