Воведувањето на санкции од Европската унија кон Русија ќе има негативен ефект по економијата на Летонија, вели летонскиот министер за економски прашања, Вјачеслав Домбровски.
„Три сектори ќе претрпат најголема штета, а земјоделскиот и прехрамбениот сектор ќе бидат први на ударот“, изјави Домбровски и додаде дека Русија е вториот најголем извозен партнер на Летонија, пренесува агенцијата Франс прес.
Според неговите зборови, енергетскиот сектор на Летонија исто така е изложен на предизвици, бидејќи Летонија речиси целосно зависи од руската испорака на гас, а 70 проценти од целокупната транзитна рута се поврзани со Русија.
„Не мислам дека претерувам кога ќе кажам дека меѓу сите членки на ЕУ, Летонија има најмногу економски сектори кои се поврзани со Русија. Доколку дојде до воведување на санкции кон Русија, ние, меѓу останатите членки на ЕУ, ќе бидеме најмногу погодени од последиците“, заклучи Домбровски.