„Bаby Jeep“ го откри своето лице и име. Новиот модел кој настана во соработка со „FIAT“ ја има ознаката „Renegade“ и официјална премиера ќе има на женевскиот авто-саем.
Автомобилот кој долго време беше под „маска“ има очекувано коцкаста форма и препознатлива маска на ладилникот која е карактеристична за моделите на „Jeep“.
Со оглед дека е замислен како возило за движење и по недостапни терени, „Renegade“ e заштитен со пластични елементи на долните делови на каросеријата, кои треба да го спречат оштетувањето на возилото.
На предниот дел, покрај маската на ладилникот, доминираат и големите округли фарови. Гледано од страна, автомобилот го карактеризира висока силуета со покривни шини на врвот.
Задниот дел на возилото има оргинален дизајн со четириаголни стоп-светла и спојлер на врвот на багажникот.
Доминантно црниот ентериер на возилото е освежен во боите на каросеријата. Внатрешноста има едноставен дизајн со прегледно распоредени инструменти и команди, додека на врвот на централната конзола се наоѓа дисплеј на мултимедијалниот систем.
Според досега познатите информации, „Jeep Renegade“ ќе биде долг околу 4,2 метри. Автомобилот ќе ја дели платформата на новиот „FIAT“ кросовер, моделот „500X“, a двете возила ќе се произведуваат во истата фабрика во Италија.
Моторите би требало да бидат превземени од гамата „FIAT 500L“.
Фотографиите во висока резолуција и техничките детали за моделот „Renegade“ ќе бидат објавени наскоро, по официјалната презентација на овој автомобил.