Република Македонија, во првите 10 месеци од годинава извезла стоки во вредност од 3,475 милијарди американски долари, а увезла стоки за 5,387 милијарди долари. Покриеноста на увозот со извоз изнесува 64,5 отсто, а трговскиот дефицит е 1,911 милијарди долари.
Според податоците на Државниот завод за статистика, најголемо учество во извозот имаат катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, производите од железо и челик (валани производи), облеката и преработките од нафта.
Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), платината и легурите на платина, необработени или во прав, електричната енергија и рудите на никел и нивните концентрати.
Најмногу стоки 72,5 отсто се извезени во земјите-членки на Европската унија по што следат земјите од Западен Балкан со 18,2 отсто. Земјите членки на ЕУ со 62,2 отсто се и на првото место по увезени стоки во Македонија.
Република Македонија најмногу тргува со Германија, Грција, Србија, Велика Британија и Италија со кои се врши 49,8 отсто од вкупната надворешно-трговска размена.