Владата на Јапонија ќе усвои стимулативен економски пакет вреден речиси 54 милијарди долари за да ги ублажи последиците од зголемените даноци кои ќе стапат на сила следната година, пренесуваат локалните медиуми.
Инвестициите во јавните работи вклучуваат градежни проекти за Олимписките игри во Токио во 2020 година, обнова на крајбрежните градови уништени од земјотересите и цунамито во 2011 година и унапредување на застарената инфраструктура.
Многу патишта, мостови и водоводни системи во Јапонија датираат од шеесеттите и седумдесеттите години на минатиот век, а во меѓувреме во нив не е многу инвестирано, пренесува агенцијата АФП.
Пакетот ќе содржи и даночни олеснувања за помош на компаниите, лицата со ниски приходи и помош за жртвите од катастрофи.