Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба денеска побара свикување на вонредна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации по рускиот напад утринава во кој загинаа најмалку 30 лица, а повеќе од 160 беа повредени.
„Украина, заедно со околу 30 земји-членки на ОН, побара од еквадорското претседателство да свика итна седница на Советот за безбедност за да се справи со рускиот напад врз Украина, кој резултираше со повеќе цивилни жртви и сериозно уништување на цивилната инфраструктура“, напиша Кулеба на социјалната мрежа Х.
Русија во петокот го изврши еден од најголемите ракетни напади врз Украина, при што загинаа најмалку 31 лице, а беа повредени околу 120, откако погоди станбени згради во Киев, на југот и западот од земјата, и породилна болница на исток, соопштија украинските власти.
Украинското Министерство за надворешни работи соопшти дека големиот напад на крајот на годината покажал дека не треба да има „разговор за примирје“ со Кремљ во време на прилично неизвесно продолжување на помошта од Западот за Киев, пренесе Хина, цитирана од Ројтерс.
„Денес милиони Украинци се разбудија од гласните звуци на експлозии. Би сакал тие звуци на експлозии во Украина да се слушнат низ целиот свет“, рече Кулеба, повикувајќи ги сојузниците да продолжат со воената помош.