Автопатите во Хрватска ќе бидат понудени на концесија од 30 до 50 години на стратешки партнер.
Министерот за сообраќај и инфраструктура Синиша Хајдаш Дончиќ изјави дека од времетраењето на концесијата зависи колку пари ќе бидат добиени, а проценката е дека автопатите ќе се продадат за 2,4 до 3,2 милијарди евра.
„Наредната година треба да платиме 6,6 милијарди куни кредит (околу 900 милиони евра), а ако не ги продадеме автопатите, тој трошок ќе падне врз грбот на граѓаните“, изјави Дончиќ и додаде дека долгот за автопатите изнесува четири милијарди евра.
Прелиминарните разговори со потенцијалните понудувачи би требало да завршат до крајот на оваа година, по што ќе следи поднесување на необврзувачки понуди, преговори и обврзувачка понуда.
Според министерот, работата може да биде завршена од 9 до 12 месеци.