Банката на Англија денес ја претстави новата банкнота од 20 фунти со ликот на Вилијам Тарнер, англиски сликар од ерата на романтизмот.
Новата банкнота од полимер е најавена како „најбезбедна до сега“ во однос на фалсификување, а во промет ќе биде пуштена во февруари следната година, објави Guardian.
Гувернерот на Банката на Англија, Марк Карни, ја претстави банкнотата во галеријата во Маргејт која го носи името на познатиот сликар затоа што тој таму се школувал и многу негови слики се пејзажи од таа област.
Банкнотата од 20 фунти е претставена по полимерските пет и 10 фунти, кои беа пуштени во оптек во септември 2016 и 2017 година.
Банката на Англија се префрла од традиционални хартиени на банкноти од полимер бидејќи се почисти, подолго траат и потешки се за фалсификување.