Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје неодамна го објави романот „Мостот на небесата“ од познатиот кинески писател Ш. И. Хсиунг (S. I. Hsiung или Hsiung Shih-I; 1902 – 1991), во превод од англиски јазик на Дарко Цветаноски.
Романот е социјален, духовит и сатиричен, базиран на реални и вистински историски настани. На извонреден, ненаметлив и мајсторски начин, авторот го запознава странскиот читател со кинеската култура, обичаите, традицијата и општествените настани во периодот од крајот на 19 и почетокот на 20 век, во бурните и драматични настани по кои Кина од царство станува република.
Ш. И. Хсиунг е кинески писател, преведувач и универзитетски професор. Тој е првиот кинески писател чие драмско дело е поставено во театар во Лондон и е првиот декан на колеџот Цин Хуа во Хонгконг. Еден е од тројцата најпопуларни кинески писатели надвор од Кина во дваесеттиот век.
Автор е на следните книги: „Дамата Драгоцена Река“ – 1935, „Романса во западната соба“ – 1935, „Професорот од Пекинг“ – 1939, „Мостот на небесата“ – 1943 и „Животот на Чанг Каи-Шек“ – 1948.
Ш. И. Хсиунг е меѓу најафирмираните кинески писатели во странство во првата половина на минатиот век и е еден од тројцата големи мајстори во кинеската литература кои имаат најголем придонес во културната размена меѓу Кина и Запад, посебно во полето на книжевноста.
Англиското издание на „Мостот на небесата“ првпат беше објавено во Лондон, во 1943 година, значи – во текот на Втората светска војна, кога употребата на хартијата била ограничена поради воената економија. И покрај воената атмосфера, книгата само за еден месец била продадена во десет илјади примероци. Таа постигнала голем успех во Англија, така што само првите три години доживеала дванаесет изданија, а подоцна е преведена на француски, германски, холандски, шведски и шпански јазик.