Театар Комедија ја продолжува својата мисија на гостување низ театрите во Македонија, а овојпат, на 21 април, ќе гостува во Народен театар Охрид со хит-претставата „Жена ми се вика Борис“, во режија на Синиша Евтимов.
„Жена ми се вика Борис“ ги ревидира моралните кодекси на однесување, а дејството во пиесата е адаптирано и локализирано во македонски контекст, каде што ќе ги препознаете менталитетот и стереотипите на современото живеење на семејствата на некои „наши“ политичари и успешни бизнисмени. Прељубата, лагата, интригата и страста се вонвременските теми врз коишто се градат заплетите во оваа комедија и ќе ве држат со широка насмевка во текот на целата претстава.
Охридската публика во претставата ќе може да ги види актерите: Сашо Ристовски, Роберт Ристов, Мими Поповска – Ристов, Ева Скендеровска, Жаклина Петровска, Столе Мицов и Александар Михајловски.
Повеќе детали за оваа, но и за другите претстави од репертоарот на Театар Комедија може да погледнете на веб-страницата www.teatarkomedija.mk.