Петмина играчи се на врвот на листата на желби кои Жозе Мурињо, кој вчера официјално се врати во Челзи, сака да ги доведе на „Стемфорд Бриџ“. Според медиумите во Англија станува збор за напаѓачите Стеван Јоветиќ (Фиорентина) и Един Џеко (Манчестер Сити), централниот дефанзивец Елиаким Мангала (Порто), како и играчите од средниот ред Даниеле Де Роси (Рома) и Фернандињо (Шахтјор).
Кон тоа треба да се додаде и Ромелу Лукаку, кој се враќа по успешна сезона во Вест Бромвич каде беше на позајмица. Специјалниот ветил на талентот, дека нема да го праќа повеќе во други тимови и го сака на „Стемфорд Бриџ“.
Друг од перспективните играчи на Челзи кој исто така беше на позајмица е Кевин де Бруин. Тој допрва ќе се сретне со Португалецот, за да се договорат што понатаму ќе биде со неговата иднина.
Денес во англиските медиуми се појави и информација дека Мурињо сака да го земе и Весли Снајдер од Галатасарај.