По повод Денот на жената, 8 Март, Македонската филхармонија овој четврток со почеток од 20 часот ќе приреди симфониски концерт под наслов „Женски приказни“. На подиумот ќе застанат две млади, но искусни уметнички – нашата диригентка Елена Митревска, која кариерата ја гради на европските сцени, како и истакнатата пијанистка од Германија, Олга Шепс.
Младата, но веќе искусна и талентирана диригентка Елена Митревска дипломирала на Одделот за музичка теорија и педагогија на Факултетот за музичка уметност во Скопје во 2008 година. Образованието го продолжила во Виена, на Универзитетот за музика и изведувачки уметности, каде што дипломирала најпрво на Одделот за хорско диригирање во класата на професерот Ервин Ортнер, а потоа и на Одделот за оркестарско диригирање во класата на професор Урош Лајовиц и професор Симеон Пиронков, заедно со престижниот Виенски камерен оркестар. Митревска е добитник на почесна награда од страна на Универзитетот, како една од најистакнатите студенти на својата генерација.
„Она што Шепс го прави не е фино или слатко, тоа што таа го прави го одзема здивот“, гласи една од критиките за пијанистката која в четврток пред македонската публика ќе го изведе познатиот Концерт за пијано и оркестар бр. 3 од Лудвиг ван Бетовен.
Руската пијанистка Олга Шепс почнува да изучува пијано на само петгодишна возраст. Во 1992 година нејзиното семејство ќе се пресели од Москва во Германија, и тоа ќе стане новиот дом на Шепс, но и нова почва за изучување музика. Моментно, активна е како концертен пијанист не само во Германија туку и во Русија и во Англија. На 16 години таа ќе стане еден од најмладите студенти на Музичката академија во Келн, дипломирајќи во 2013 година со огромен успех. Нејзиниот професор Павел Гилилов, како и нејзините родители, и двајцата пијанисти и учители по пијано, сè уште играат важна улога во нејзиниот развој како музички уметник, иако таа црпи влијанија и од имиња како што се Арие Варди, Дмитри Башкиров, Андреј Гаврилов и Алфред Брендел.
На програмата на концертот во Македонската филхармонија се и Увертирата „Леонора“ бр. 3, повторно од музичкиот гигант Бетовен, како и избор од експресивните две свити „Арлезијанка“ од францускиот композитор Жорж Бизе.