Град Скопје по пошта достави потврда за бруто остварените приходи, пресметаниот и платениот данок и вкупно исплатените нето приходи во текот на 2017 година, до сите физички лица кои по различна основа имаат остварено приход од Град Скопје, како што се субвенциите за печки на пелети, субвенциите за велосипеди и слично, информираат од прес-службата на градот.
Потврдата за остварени приходи од Градот Скопје треба да послужи за пополнување на годишната даночна пријава која даночните обврзници се должни да ја поднесат до Управата за јавни приходи најдоцна до 15 март 2018 година.
Градот Скопје ги известува граѓаните коишто нема да добијат потврда за бруто остварените приходи, пресметаниот и платениот данок и вкупно исплатените нето приходи во текот на 2017 година дека истата ќе може да ја подигнат во Град Скопје, Сектор за финансиски прашања (барака 7), секој работен ден од 9 до 15 часот.