Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, денеска, во вечерните часови, пристигнува во дводневна официјална посета на Република Македонија. Генералниот секретар Столтенберг и високата делегација на НАТО, за време на посетата ќе остварат средби со државниот врв на Република Македонија, како и со лидерите на дел од партиите застапени во Собранието на Република Македонија.
Официјалниот дел од официјалната посета на Генералниот секретар Столтенберг и делегацијата на НАТО започнува утре (четврток, 18 јануари) со средбата со министерот за надворешни работи во Владата на Република Македонија Никола Димитров (09:00 ч.), по што ќе следува и пленарниот состанок меѓу делегацијата на Министерството за надворешни работи на Република Македонија и делегацијата на НАТО. Претставници на медиумите ќе имаат можност за фотографирање и видео инсерти на почетокот на средбите.
Програмата на официјалната посета на Генералниот секретар Столтенберг потоа предвидува прием за гостите во кабинетот на Претседателот на државата Ѓорге Иванов (09:45 ч.), по што делегацијата на НАТО ќе се упати кон Министерството за одбрана.
Средбата меѓу Заменик претседателката на Владата на РМ и министерка за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска, со Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ќе се одржи во 10:30 часот. Претставници на медиумите ќе имаат можност за фотографирање и видео инсерти на почеток на средбата и за групна фотографија по завршување на средбата.
По настанот во Министерството за одбрана, Генералниот секретар на НАТО и неговата делегација ќе ја посетат Канцеларијата за врски на НАТО, и потоа ќе се упатат кон Собранието на Република Македонија, на средба со Претседателот на Собранието Талат Џафери (11:45 ч.).
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ќе има свое обраќање пред пратениците во собранието (12:05 ч.), по што ќе следуваат одделни средби со претседателите на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, и на ДУИ, Али Ахмети.
Официјалната церемонија на пречек со највисоки државни и воени почести по повод официјалната посета на делегацијата на НАТО предводена од Генералниот секретар Јенс Столтенберг, во организација на Владата на РМ, ќе започне во 15:00 часот.
Високиот гостин на НАТО и делегацијата ќе ги пречека Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев и висока владина делегација, по што ќе следува тет-а-тет средбата на премиерот Заев и Генералниот секретар на НАТО Столтенберг.
Во делот на посетата на делегацијата на НАТО во Владата на РМ, програмата предвидува и пленарни разговори помеѓу владина и делегацијата на НАТО.
Завршниот настан од оваа официјална посета на високата делегација на НАТО предводена од Генералниот секретар на Алијансата е заедничката прес конференција на премиерот Заев и на Генералниот секретар Столтенберг која ќе се одржи во Владата на Република Македонија во 15:50 часот.