Од 743.451 вработени во Македонија 40% се жени, а 60% се мажи. Жените во просек заработуваат 12.5% помалку од мажите. Само една од три фирми е раководена од припадничка на понежниот пол, најголем дел од нив се микро и мали и се од секторите трговија и услуги. Анализите на Евростат покажуваат дека и на ниво на Европската Унија има родова нееднаквост.
Секоја трета компанија е раководена од жена
Секоја трета компанија е раководена, а секоја четврта е во сопственост на жена. Истражувањето „Еднаква моќ за жените“ покажува дека жени менаџираат во 33% од компаниите, а во 27% се јавуваат и како сопственички.
Резултатите покажуваат дека 98% од испитаниците се запознаени со терминот ‘родова еднаквост’, 75% сметаат дека таа е важна, а 2.6% дека воопшто не е битна.
Ова е истражување е спроведено помеѓу 304 мали и средни компании во Македонија.
743.451 вработени – 40% жени, 60% мажи
Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) во работен однос се 291.416 жени, односно 39.2% од вкупниот број на вработени.
Македонската државна статистика нема податоци за просечната плата според полот односно за разликите во приходите меѓу мажите и жените, но оние кои се бават со оваа проблематика велат дека има големи отстапувања.
„Се уште стереотипите и предрасудите за определба на професија на жените кои се пониско вреднувани… Може да кажеме дека жената е се уште многу дискриминирана“, изјави неодамна Савка Тодоровска од Националниот совет за родова рамноправност.
Според истражувањето на Институтот за економски истражувања и политики „Finance think“ во Македонија жените во просек заработуваат 12.5% помалку од мажите.
„Од економски аспект, жените се уште не се еднакви со мажите во Македонија. Имаат помала активност на пазарот на труд, имаат повисока невработеност и во просек заработуваат помалку“, вели Благица Петрески, „Finance think“.
Родова нееднаквост и во Европската Унија
Анализите на Евростат покажуваат дека на ниво на Европската Унија (ЕУ) жените во просек добиваат околу 20% пониски плати од мажите. Разлика има во сите земји членки. Најмали разлики од 5.5% има во Луксембург и Италија, а најголеми од 27% во Естонија, како и од 22% во Чешка, Австрија и Германија.
Податоците на Евростат покажуваат дека за секое 1 евро што ќе го заработат мажите, нивните колешки за истата работа добиваат по 84 евро центи.
Нееднаквоста меѓу мажите и жените на пазарот на трудот во ЕУ не постои само во висината на платите, туку и во раководните позиции што ги заземаат. Така, во 2015 година само една третина од менаџерите во ЕУ биле жени, иако припадничките на понежниот пол учествуваат со 43% во вкупната работна сила.
К. Н.