Еден од првите компјутери на „Apple“ кој е дело на починатиот Стив Џобс беше продаден за рекордни половина милион евра. Во светот има само шест „Apple I“ компјутери кои се уште работат. Еден од нив беше продаден на аукција за 516.461 евра на анонимен купувач од Далечниот Исток, соопштија од аукциската куќа „Breker“ во Келн.
Компјутерите „Apple I“ беа направени во гаражата на куќата на родителите на Стив Џобс и во 1976-та година чинеле 666,66 долари. Произведени се само 200 примероци, од кои е познато дека останале 46, а од нив само шест работат.
Компјутерот, кој претставува само плоча – без монитор и тастатура е продаден заедно со писмо на Џобс до неговиот прв сопственик Франк Хетфилд. На него има и автограм на коосновачот на „Apple“, Стив Вознијак.
Минатата година „Breker“ продаде друг „Apple I“ компјутер за 492 илјади евра.