Општина Центар следната година ќе го продолжи проектот за нега на возрасните граѓани кои живеат на територија на општината со назив „Центар се грижи за возрасните“.
Моментално акцијата паузира, а за 2018-та година е предвиден поголем буџет и ќе бидат склучени нови договори кои ќе имаат важност цела година со нови содржини и поволности.
„Оние граѓани кои ќе добијат вакви субвенции, како и досега првично ги посетува социјален работник, кој ги нотира нивните потреби од медицинска нега. Потоа, земјаќи ги предвид индивидуалните потреби на секој граѓанин, се одредуваат бесплатните услуги и помош која треба да му се пружи на секој корисник одделно“, информираат од општината.
Лиценцирани негователи ќе ги посетуваат лицата 3 пати неделно за да се добие потребната нега.Новина е тоа што еднаш месечно корисниците ќе ги посети медицинска сестра или психолог во зависност од потребите на корисниците.
Стручна комисија, при изборот ќе води сметка за социјалниот статус, финансиската и здравствената состојба на лицето кое аплицира за помош.