Организацијата на земјите извознички на нафта ја зголеми светската прогноза за побарувачката за нафта за тековната и наредната година.
Прогнозите се зголемени поради поголемата од очекуваната побарувачка во Кина и во развиените земји.
Светскиот апетит за нафта, според проценките на ОПЕК, ќе порасне за 1,5 милиони барели нафта дневно во оваа година и за 1,4 милиони барели дневно во 2018 година, што е за по 30.000 барели нафта дневно повеќе во однос на претходните прогнози, пренесува агенцијата АП.
Нафтениот картел, исто така, соопшти дека произвел 32,75 милиони барели дневно во септември, што е за 88,500 барели повеќе отколку во август.
Во редовниот месечен извештај на ОПЕК се наведува и дека „постојат се повеќе докази кои говорат дека пазарот на нафта се движи кон балансирање“, што доведе до раст на цените на нафтата во изминатиот месец“.
Референтната цена на барелот нафта на ОПЕК во септември достигна 53,44 долари, највисока вредност од јули 2015 година.