30 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСкриени ставки, неплатени побарувања – колку пари должи Македонија?

Скриени ставки, неплатени побарувања – колку пари должи Македонија?

Заклучно со крајот на првиот квартал од годинава државниот долг бил 3 милијарди и 888 милиони евра или 37.8% од БДП. Јавниот долг бил 4 милијарди и 740 милиони евра или 46% од БДП. Ова го покажуваат официјалните податоци на Министерството за финансии.

Сепак, премиерот Зоран Заев вели дека обврските го имаат минато плафонот од 50% од БДП, но и дека има дополнителни огромни скриени долгови.

„Има многу завршни ситуации кои не се фактурирани бидејќи ако ги фактурира деловната заедница, ќе треба да плати ДДВ, а не знае кога ќе си го поврати. Мислам дека има скриен долг кој не е евидентиран во севкупниот долг на државата, а е поголем од една милијарда. Ова не го кажувам за да го исплашам народот. Имаме добар менаџмент, ќе го изменаџираме целиот овој процес и Македонија ќе тргне напред“ изјави претседателот на Владата во синоќешното интервју на МТВ.

Според Заев новата власт наследила само 6 милиони евра на буџетската сметка, а не 130 милиони како што тврдеше претходната.

На ова реагираа од ВМРО-ДПМНЕ. Од опозициската партија велат дека премиерот лажел.

„Заев излажа дека во буџетот се останати само 6 милиони евра. Неговиот министер за финансии се пофали дека на 5 јуни се исплатени околу 77 милиони евра од буџетот на име на субвенции, стипендии и пензии. Вистината е дека новата Влада на СДСМ во буџетот доби 130 милиони евра, освен ако Заев не сакаше несвесно да признае дека 124 милиони евра мистериозно исчезнале… Фактичката состојба гласи дека јавниот долг на 30 април година изнесувал 45,9 отсто. Со овие паушални бројки и лаги, Заев и практично го загрозува кредитниот рејтинг на Република Македонија“ се наведува, меѓу другото, во реакцијата.

Експертите, пак, подолго предупредуваа дека се прават манипулации со пресметките за долгот.

„Она што е првично потребно е целосно скенирање на состојбите. Ќе требаат кредити за враќање кредити, но мислам дека со одговорна власт може да се изменаџираат состојбите. Првата работа е да го стопираат процентуалниот раст на долгот. И тоа не е никаков проблем ако се внимава со буџетскиот дефицит, кој не треба да биде над, односно треба да биде под нивото на растот на БДП. Во такви услови горната линија на јавниот долг се ограничува и почнува полека да се спушта“, изјави неодамна поранешниот гувернер на НБРМ, Петар Гошев.

„Откако ќе се видат состојбите, тогаш очекувам дека ќе има ребаланс на буџетот, по што работите ќе бидат и појасни… Сигурно дека ќе треба задолжување, но мислам дека сега, откако се случи стабилизирање на политички план, тоа нема да биде со големи камати како за владините така и за комерцијални потреби“, смета поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини.

И премиерот Зоран Заев во синоќешното интервју изјави дека државата ќе мора да продолжи да се задолжува но тоа ќе се прави за продуктивни цели и за сервисирање на стари долгови под поповолни услови, но и дека Македонија нема да преговара и да склучи аранжман со ММФ.

Според Светска Банка јавниот долг на земјава има темпо на зголемување, но е под просекот за регионот.

„Точно е дека јавниот долг на Македонија е зголемен и тоа е загрижувачко, но тој не е толку висок како други земји во регионот. И тој не е на ниво кое би укажало на криза или на проблеми со сервисирање на тој долг. Но, прашањето е дека во иднина, што повеќе ќе се троши на сервисирање на тој долг, ќе нема простор за зголемување на капиталните инвестиции и растот. Затоа, препорака за Македонија е да се фокусира на намалување на тековното трошење, за сметка на зголемување на инвестициите и на забавување на задолжувањето“ изјави Елен Голдстејн, регионален директор во Светска банка за Западен Балкан при презентирањето на априлскиот извештат за Македонија.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП