Агенцијата за катастар во петок ја запиша првата хипотека на инфраструктурен објект.
Се работи за инфраструктурен објект – цевковод за техничка вода во должина од 10.7 километри кој во Катастарот е запишан на 19.4.2016 година.
Хипотеката ја издаде НЛБ банка АД Скопје и е со вкупна вредност од 10,7 милиони евра, од кои делот за инфраструктурниот објект е во вредност од 2,1 милиони евра.
Со запишувањето на оваа хипотека во Република Македонија започнува нова ера во кредитирањето што ќе овозможи свеж капитал од банките за изградба на нови инфраструктурни проекти.
„Ова е реализација на уште еден проект на Владата на Република Македонија со кој се овозможува на компаниите иматели на инфраструктурни објекти да ги запишат и да се стекнат со право на сопственост, да ги продадат, да ги издадат под закуп во целост или во дел или да ги заложат кај деловните банки и да добијат хипотекарен кредит за нови инвестиции“, информираат од Катастарот.