Британската влада планира да изгради илјадници нови домови на земјишта кои се јавна државна сопственост, во обид да ја забрза програмата за изградба на станови.
Лондон планира да изгради до 13 илјади живеалишта на пет државни парцели во Англија, како и директно ја преземе одговорноста за терените за изградба, наместо големите градежни компании.
Премиерот Дејвид Камерон коментираше дека ова претставува сериозен чекор напред во однос на политиката за домувањето на британската влада.
„Ништо со слични размери не е направено во последните 30 години“, вели тој.
Британската влада планира да објави и посебен фонд во износ од 1,2 милијарди фунти за изградба на 30 илјади станови за доделување врз стари индустриски имоти во наредните пет години.
Според информациите за секој понуден имот во Велика Британија има 10 купувачи, а пак брокерите на недвижности велат дека понудата достигнала опасно ниски нивоа.
Агенции за недвижности предупредуваат дека недостигот на станови има опасност да прерасне во вистинска станбена криза и проблемот мора да биде решен итно.
Различни консултантски компании веруваат дека владините програми за изградба на станови не се доволни, бидејќи има проблем и со парцели, како и со материјалите за градба.