24 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСтара технологија, ниски плати или недоволна мотивираност – зошто македонските работници се...

Стара технологија, ниски плати или недоволна мотивираност – зошто македонските работници се непродуктивни?

tekstil

Македонските работници се двојно помалку продуктивни од нивните европски колеги – ако во Бугарија или во Грција за 8 часа шијат 15,5 до 16 кошули кај нас едвај 7 до 7,5. Каде е проблемот – во менталитетот, во мотивираноста или во технологијата? Засегнатите објаснуваат дека станува збор за комбинација на сите фактори.

Застарена технологија и рачна работа

Рачна работа на застарени машини – ова е основната пречка за подобри резултати, велат дел од текстилците според кои мора да се работи на внесување нови технологии и на автоматизирање на производството.

„Поради технологијата која се применува во текстилната бранша доаѓа до разлика меѓу вложениот труд и резултатот, тука е разликата. Мора да се работи на воведување на нови технологии“ објаснува Никола Маџунаров, сопственик на конфекција.

За да се унапреди технологијата потребни се пари, а компаниите тешко доаѓаат до нив. Бараат државата да воведе субвенции и за текстилната индустрија бидејќи таа ангажирала речиси 50.000 луѓе.

„Работната рака за кошулата чини две евра и кај нас и кај нив. Блиску сме до Европа за мали и брзи нарачки, но и сите од регионот се блиску… Кредити има со ниски камати, но роковите се кратки. За споредба во Хрватска се 14 години, а кај нас се 7 години. Ако не може директно субвенционирање има пролонгирани кредити со државна поддршка и разни други мерки “ вели Маријана Перковска, сопственик на конфекција.

Многу теорија, малку практика – неприлагоден образовен систем

И Синдикатот смета дека технологијата е застарена, но и дека траба да се вложува во дообука и доквалификација на работниците.

„Тоа е заради тоа што машинскиот пат, опременоста комплетно со машини и инфраструктура, која го прати производството, прво таа не ги задоволува стандардите што ги бараат развиените европски земји а после тоа и самите работници, толку може да се обучат и толку може да покажат од вештината која што ја имаат“ објаснува Анѓелко Анѓелковски, Претседател на Синдикатот за текстил, кожа и чевли.

И бизнисмените се согласни – мора да се работи на подобрување на вештините на работникот, но тоа треба да се прави уште во самиот образовен систем кој мора да се прилагоди на потребите на пазарот на труд и освен теорија да нуди и практика.

„Потребна е доквалификација и доедукација на работната сила со цел да биде поконкурентна односно да може да најде вработување, но треба да се работи уште во самиот образовен систем. Активно сме вклучени во изготвувањето на наставните програми во средните стручни училишта за да се произведат кадри кои многу полесно ќе се вклучат во стопанството“ вели Митко Алексов од Сојузот на стопански комори.

Странските инвеститори како да не го немаат овој проблем. Продуктивноста во индустриските зони е поголема. Тоа се должи на посовремената технологија и поголемата обученост на кадарот, објаснуваат бизнисмените.

„Тие внимателно ги избираат работниците, не постои начин како ние самите да ги доедуцираме во земјава за тие практични вештини и искуства, а тие ги праќаат на обуки во нивните матични компании“ вели Јадранка Аризанковска од Стопанската комора на Македонија.

Мали плати и минимални бенефиции

Поголем проблем од обученоста и од технологијата се платите и бенефициите, сметаат синдикалците. Според нив со минимална плата од 9.590 која дури е и пониска во текстилната и кожарската индустрија не може да се очекува мотивираност и продуктивност.

„Квалитетот во однос на Европа е еднаков во физичкиот обем на работа, а економскиот дел и платите се далеку од европските. Дајте еднаш да направиме ако не европски, барем полу европски плати, ние ќе имаме двојно попродуктивни и поажурни работници. Значи имаме висок квалитет и активност во работењето, но за жал платите се 10 пати помали од тоа што е во Европа. Значи, работодавачот двојно ќе добие ако повеќе вложува во работникот, а за жал тоа не се случува во Македонија“ изјави Павел Трендафилов, претседател на Синдикат за градежништво, индустрија и проектирање.

Менталитет – остатоци од социјалистичкиот систем

Дел од бизнисмените посочуваат уште еден проблем –менталитетот. Според нив работниците тешко се прилагодувале на новиот капиталистички систем.

„Ние имавме трансформација на нашето стопанството од социјалистичко во капиталистичко и нашите вработени се уште имаат остатоци од тој систем и од тоа време“ изјави Стојан Сулев, директор на фабрика за производство на делови за земјоделски машини.

Македонија со најниска продуктивност дури и во регионот

Според анализите на Народната Банка продуктивноста во македонското стопанство во вториот квартал од 2015-та била 0.9%, а во првиот 1.6%. Таа се пресметува по формула – сооднос меѓу Бруто домашниот производ и бројот на вработени луѓе.

Во регионот овој процент е малку повисок, а во развиените економии и три до четири пати.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП