10 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАИзложба на графики на Евгениј Пантев во Куманово

Изложба на графики на Евгениј Пантев во Куманово

izlozba-evgenij

Денес, со почеток во 19.30 часот во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово ќе биде отворена изложба на графики на академскиот графичар Евгениј Пантев.

Овој перспективен графичар ќе се претстави со 25 графики од неговиот најнов творечки опус а кумановската ликовна публика ќе има можност за првпат да се запознае со неговото творештвото.

Евгениј Пантев е роден 1966 год. во Софија, Бугарија. Дипломирал на одделот за графика и графички дизајн, на Факултетот за ликовни уметности, Скопје 1991, Магистар по ликовни уметности – област графика 2014. Член на СБХ/ ИАА.

Одржал десетина самостојни изложби во Куманово, Скопје, Прилеп и Битола и повеќе групни изложби надвор од Македонија, во Бугарија , Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Романија, Грција,Турција, Шпанија, Португалија, Франција, Англија, Белгија,Холандија, Италија, Полска,Литванија, Англија, Египет, ОАЕ , Канада ,Јапонија, Кина ,Русија ,САД и др.

За актуелната творечка продукција на графичарот Евгениј Пантев, историчарот на уметноста, Дејан Буѓевац ќе запише:

…“ Згуснатите органски амбиенти и мека валерска прегледност
Евгениј Пантев во графичкиот медиум создава и опстојува повеќе од две децении. Тој како зрел графичар и уметник останува доследен на една прецизна, фина и сосема промислена графичка поетика.  Тој сета своја ликовна култура и естетска сензибилност ја изразува исклучиво преку графичката уметност како „затворен“ визуелен медиум. Особено со својата тактилна и посветена почит кон „традиционалната“ специфична техника како што е сува игла (длабок печат), со која Пантев креира навистина еден особен и искуствен визуелен контекст ослободен од можностите за некакво поинакво и „трендовско“ третирање на графичкиот лист. Кај Пантев, с`е во манирот на длабоката и дисциплинирана линиска експресивност со која, тој го врежува и го вибрира предметот на претставата, како и во мекото, но цврсто цртачко нијансирање на светло-темните премини за да ја извлече строгата, едноставна и чиста внатрешнина на графичката просторност во неговите дела. Односно, да го изнесе на виделина просторниот интервал (или празнина), во кој докрај се сместени тонските и површинските форми на неговите мотиви. Во неговите визуелни искази хармонизирани се сите карактеристики на контрастите топло-ладно, тврдо-меко, облина-агол…
Целиот негов израз е чиста графичка ликовност. Ликовна состојба во која поетските графизми, урбаните инсерти, згуснатите органски амбиенти, геометризираните имагинации, изразуваат мека валерска прегледност, лирска градација на рафиниранини претопувања, едноставен но и сложен распоред на изведените линии, и минуциозно изработен графички цртеж.
Неговиот „иконографски“ пристап се карактеризира со метафоричка ненаметливост, фрагментарни гестикулации ,акцентираност и аскетска граматика. Декоративниот елемент е отфрлен во секоја смисла. Во овие записи постои само предметна препознатливост во која ништо не се препознава. Една „јасна“ и упростена енигматичност, која повеќе го изразува процесот на творење и субјективниот сензибилитет, отколку реалноста и материјата на мотивската преокупација.
Евгениј Пантев со својот досегашен опус, артикулира тивок графички интегритет посветен на сопствената лексика, на своите ликовни медитации и на перманентната проверка на ликовниот ентитет на сувата игла(длабок печат), како не-случаен избор во личниот творечки чин…“

Изложбата во Куманово ќе биде поставена до 10 декември.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП