20 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАРецитал на пијанистката Ана Гацева во Софија

Рецитал на пијанистката Ана Гацева во Софија

gaceva 33

Во четврток, во 18.30 часот, во концертната сала „Борис Христов” во Софија, солистички рецитал ќе одржи пијанистката Ана Гацева.

На програмата ќе бидат изведени дела од Клод Дебиси, Јоханес Брамс и Кокан Димушевски. Ова е втор солистички пијано-рецитал на нашата позната пијанистка, која пред неколку години имаше свое прво солистичко претставување во концертната сала „Бугарија”. Организатор на настанот е Културно-информативниот Центар на Македонија во Софија, а проектот е поддржан од Министерството за култура.

Ана Гацева работи како редовен професор по пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Гацева дипломирала пијано на ФМУ во Скопје како најдобар студент на генерацијата и на истиот Факултет магистрирала со признанието „cum laude“ во класата на проф. С. Слејанска. Паралелно, дипломирала и магистрирала пијано и камерна музика на светски реномираната музичка академија „Ecole Normale Superieure de Paris Alfred Cortot“ (1999-2002), во класите на проф. Р.Јаса и Ш. Дебуши, стекнувајќи се со највисоката диплома за пијано-концертист. Во текот на својот престој во Париз, Гацева е ангажирана како соработник на Академијата и е стипендист на Академијата и на француската влада.

Докторската дисертација по пијано интерпретација ја одбранила на ФМУ-УКИМ, Скопје, под менторство на проф. Емеритус С. Јанг од Тринити Колеџот од Лондон и проф. Д. Бужаровски од ФМУ Скопје. Истата година, Ана Гацева ја издава книгата „Пијанистички техники во концерти на композитори-изведувачи од светската музичка сцена“.

Во текот на 2005 година, како добитник на Темпус Грант (во рамки на образовната ТЕМПУС програма на ЕУ) престојувала на Тринити Колеџот во Лондон.

Во текот на своето усовршување, Гацева соработувала со врвни пијанисти и педагози, како Моник Дешосе, Жан Клод Пентје, Милена Молова, Александар Штаркман, Жени Захариева итн.

Светски познатата „Моцартеум Академија“ ја завршила во класата на проф. Дел Вињ, како нејзин најмлад учесник и стипендист.

Ана Гацева е добитник на повеќе високи државни и меѓународни награди и реализирала бројни концертни настапи, од кои 30 надвор од својата земја. Настапувала по покана во угледни сали и институции во Њујорк, Париз, Виена, Салзбург, Минск, Киев, Дрезден, Софија, Љубљана, Загреб, Пиран, Пловдив, Белград, Порторож, Логатец итн.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП