На азиските берзи во петокот се тргуваше претпазливо, бидејќи вложувачите не сакаат премногу да ризикуваат поради слабостите што ги покажува светската економија и можното зголемува на каматните стапки во САД во декември.
На токиската берза индексот Nikkei беше во минус од 02, отсто, додека цените на акциите во Јужна Кореја и Хонгконг ослабеа за околу 0,1 отсто. Берзанските индекси во Австралија, Сингапур и Шангај, пак, пораснаа меѓу 0,2 и о,5 отсто, додека MSCI индексот на азиско-пацифичките акции без јапонските, беше речиси непроменет. Доколку остане така и до крајот на тргувањето, оваа седмица ќе забележа раст од 1,7 отсто.
На азиските берзи се тргува внимателно, па дури и во Шангај, иако кинеската централна банка во петокот рано претпладнето инјектираше во тамошниот финансиски систем 10 милијарди јуани и дополнително ја олабави монетарната политика, со намалувањето на каматите на постојните програми за кредитирање на банките за да го поттикне растот на економија
Сепак, тие мерки го поттикнаа растот на цените на акциите во банкарскиот и во градежниот сектор, но паднаа цените во многу други сектори, вклучително и во енергетскиот и во здравствениот.
Поради забавувањето на растот на кинеската економија, од половината на јуни до август цените на кинеските акции потонаа за повеќе од 40 отсто, а од тогаш досега скокнаа за околу 25 отсто.
Ниту другите азиски пазари не реагираа позначајно на натамошното олабавување на монетарната политика во Кина. Меѓу другото, и поради тоа што цените на сировините и натаму се под притисок поради слабата побарувачка во светот.
Цената на бакарот, којашто се смета за добар показател на ситуацијата во светската економија поради широката примена на бакарот во индустријата, се движи на најниските нивоа во последните шест ипол години, под 4.600 долари за тон. Од почетокот на оваа седмица падна за повеќе од 4,5 отсто.
Цените на нафтата, пак, не успеваат да се одлепат од најниските нивоа во последните три месеца, на коишто се лизнаа на почетокот од седмицава. На лондонскиот пазар цената на барелот нафта во петокот претпладне се движеше околу 44,35 долари, додека во четвртокот во истиот период од денот изнесуваше 44,50 долари.
На слабостите на побарувачката во светот укажува и падот на Балтичкиот индекс, кој го покажува движењето на цените на бродарските возарини и така укажува на силата на тргувањата во светот, на рекордно ниските нивоа. Од годинешниот максимум, овој индекс потона за 58 отсто.
А на валутните пазари, американскиот долар е под притисок втор ден по ред, бидејќи инвеститорите одлучија да ги повлечат добивките откако американската валута со денови јакнеше, бидејќи се очекува зголемување на каматите на тамошната централна банка веќе во декември.
Курсот на американската валута во однос на јапонската во петокот претпладне се движи околу 122,80 јени, додека во четвртокот во истиот период од денот изнесуваше 123,25 јени. Американската валута попушти и во однос на европската, па цената на еврото порасна од вчерашните 1,0705 на 1,0725 долари. Сепак, тоа не е далеку од нејзиното најниско ниво во последните седум месеци.
Аналитичарите сметаат дека доларот би можел повторно да зајакне, имајќи предвид дека зголемувањето на каматите на Fed е сé поблиско. Во четвртокот потпретседателот на американската централна банка, Стенли Фишер, рече дека банката толку добро порачал дека ќе ги зголеми каматите, што некои централни банкари веќе се нестрпливи.