27 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПромоција на романот „Темната соба“ од Исак Роса

Промоција на романот „Темната соба“ од Исак Роса

temna soba

Во рамки на едицијата „Европски калеидоскоп“, издавачката куќа Магор го објави романот „Темната соба“ од шпанскиот писател Исак Роса. Преводот од шпански е на Марија Саревска-Тодоровска.

Промоцијата на книгата, на која ќе биде присутен и авторот, ќе се одржи денеска, во кафе-книжарницата Магор, со почеток во 20.30 часот. Промотори на книгата ќе бидат Соња Стојменска-Елзесер и Наташа Аврамовска.

Група млади луѓе решаваат да направат „темна соба“: затворен простор што ја блокира сета светлина. На почетокот ја користат просторијата за експериментирање со нови врски, за анонимен секс без никакви последици, за игра и бегство од реалноста. Откако ќе се соочат со созревањето и последиците од сопствените одлуки, разочарувања и успеси, темницата станува простор за нивен емотивен одмор. Со текот на времето, општествената несигурност и личната ранливост стануваат дел од нивните животи, а темната соба се претвора во еден вид засолниште. Реалноста постепено навлегува внатре, додека некои размислуваат дека не е време за криење, туку за враќање на ударот, иако со своите одлуки можат да ги загрозат другите членови на групата.

Романот „Темната соба“ претставува книжевно истражување на можностите на темницата, но исто така и портрет на една генерација: портрет на оние чија верба во подобрата иднина замира. Преку животите на оние кои влегуваат и излегуваат од темната соба во текот на петнаесет години, го гледаме суровото будење на современата шпанска генерација која се чувствува прелажана.

Шпанскиот писател Исак Роса е еден од најпризнатите писатели на својата генерација. Редакцијата на културната рубрика на весникот „Ел мундо“ го прогласи за еден од дванаесетте најзначајни писатели во современата шпанска книжевност.

Роден е во Севилја во 1974-та година. Живее во Мадрид, каде што работи како редовен колумнист во порталот „Елдиарио.ес“, а соработува и со неколку други весници и месечници. Бил колумнист во весникот „Публико“ и во сатиричното списание „Ел Хуевес“. Првиот роман „Лошо паметење“ го објавува во 1999-та година, а подоцна го преработува и под насловот „Уште еден проклет роман за граѓанската војна“ го објавува во 2007-ма година. За романот „Залудна вчерашност“ (2004), ќе ја добие престижната награда „Ромуло Галјегос“, а потоа и наградите „Око на критиката“ и „Андалузиска награда на критиката“. Во 2008-ма година го објавува романот „Земја на стравот“, за кој во 2009-та година ја добива наградата на Фондацијата „Хосе Мануел Лара“ за најдобар роман објавен на шпански јазик. Потоа следуваат „Невидливата рака“ (2011) и „Темната соба“ (2013), романот кој го сместува меѓу врвните современи шпански писатели, создавајќи одлична метафора на современото шпанско општество, предадена со неверојатна стилистичка моќ. Покрај романите тој е автор и на драмското дело „Збогум момци“ (1998), новелата „Вревата на светот“ (1998), како и на повеќе раскази, објавувани во разни антологии. Роса е и еден од тројцата коавтори на публикацијата „Косово. Хуманитарно алиби“ (2001), во која се разголуваат медиумските манипулации создадени да ја оправдаат интервенцијата врз Србија. Неговите дела се преведени на повеќе јазици, а според романот „Залудна вчерашност“ е снимен филмот „Живот во црвено“.

Книгата е објавена со финансиска поддршка на програмата „Култура на Европската унија“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП