4 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАКучето Снупи доби своја ѕвезда на Патеката на славните

Кучето Снупи доби своја ѕвезда на Патеката на славните

snoopy

Снупи, кученцето од стрипот „Snoopy and the Peanuts“ доби своја ѕвезда на Патеката на славните, неколку дена пред излегувањето на филмот во кој игра голема улога.

Популарниот пес кој стана омилен меѓу возрасните и децата низ целиот свет поради својот опуштен карактер и афоризмите од типот „Јас сум алергичен на утрата“ или „утре ќе се зафатам со тоа” ја доби 2.563-тата ѕвезда на Патеката на славните на булеварот Холивуд, веднаш до ѕвездата на неговиот творец Чарлс Шулц.

Еден Снупи во природна големина дојде да ја прими својата ѕвезда и се фотографираше со обожувателите кои дојдоа да го поздрават. Малиот црнобел пес, кој за првпат се појави во стрипот пред 65 години, веќе беше ѕвезда овој викенд на премиерата на „Снупи и пријателите“ на студиото „20th Century Fox“. Во другите земји анимираниот филм ќе се појави на 23 декември.

Снупи, кој сонува да биде светски познат писател или авијатичар-херој од Првата Светска војна, има „малку горчлив“ карактер, изјави еднаш неговиот творец Шулц, кој почина во 2000 година. Тој им се придружува на многу други ликови од цртаните филмови или од стриповите кои имаат своја ѕвезда на Патеката на славните, како што се зајакот Душко Долгоушко, Пајо Паторот, Мики Маус, Шрек, Симпсонови, Снежана, Ѕвончица и други. Други песови кои веќе имаат добиено свои ѕвезди во Холивуд се Леси и Ринтинтин.

Кога беше создаден ликот на Снупи, кој поголемиот дел од времето го минува на покривот од неговата куќичка, веднаш го освои целиот свет. Беше тема на 45 специјални телевизиски емисии, на четири филма, во многу стрипови и се појави на различни производи кои го носеа неговиот лик. Авантурите на Чарли Браун, нежното и меланхолично момче, на неговите пријатели и особено на неговиот пес Снупи се објавени во повеќе од 2.600 весници во 75 земји низ светот.

Сега сите фанови на Снупи, Чарли Браун и останатиот дел од дружината ќе можат да ги видат во кината Cineplexx, Градско Kино Mилениум, 3D кино Битола, од денес во 3D технологија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП