25 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАНаграда од 200.000 денари за најдобри илустрации на четири „Бајки од Македонија“

Награда од 200.000 денари за најдобри илустрации на четири „Бајки од Македонија“

bravo-sine

Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине“ распишува нов конкурс за млади дизајнери – илустратори, овојпат за креативна илустрација на четири избрани и јазично преработени бајки од народното творештво, под наслов „Бајки од Македонија“.

Младите креативци треба да бидат на возраст до 35 години и државјани на Република Македонија, а оригиналните илустраторски решенија треба да ги испратат на интернет адресата [email protected] најдоцна до 15. декември 2015 година. Конкурсот е анонимен до првата селекција, по што најдобрите автори ќе да бидат повикани лично да го презентираат креативниот пристап.

„Нашиот основен мотив годинава е јавниот интерес за приближување на народното творештво кон децата од предучилишна возраст и афирмација на националните вредности во услови на глобализација. Убедени сме дека за младите креативци ќе го препознаат предизвикот, па и годинава во голем број ќе пријават свои трудови. Ние веруваме во креативниот потенцијал на младите во Македонија и токму затоа го поддржуваме“, изјави Ангелка Пеева Лауренчиќ, член на Управниот одбор на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине“.

Наградниот фонд за најдобрите и годинава изнесува 200.000 денари, обезбедени од Движењето „Браво сине“. Пристигнатите решенија за илустрација на бајките ќе ги оценуваат претставници на Управниот одбор на Движењето, на издавачката куќа-партнер „Арс Ламина“ и претставници на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“.

Формалните информации и пропозициите, како и 4-те избрани бајки, адаптирани за предучилишна возраст, може да се преземат на www.bravosine.mk

Со реализација на проектот „Бајки од Македонија“, Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине“ се обидува да даде свој придонес во приближување на македонското народно творештво до најмладите и поголема популаризација и реафирмација на традиционалните вредности. Основна мисија на Движењето „Браво сине“ е поддршка на креативноста кај младите во функција на брендирање и креативна визуализација на автентични национални вредности.

Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине“ го носи името на еден од основоположниците на современата македонска креативна и маркетинг индустрија – Иво Лауренчиќ. Во активностите на движењето се вклучија голем број претставници на јавниот живот, бизнисмени, уметници, членови на академска заедница, како и луѓе од креативната индустрија од земјава и од целиот регион.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП