„МакеДокс“ и „Докувизија“ го претставуваат документарниот филм „Не оставај ме“ на Сабин Луб Бакер и Нилс ван Коеворден, во среда, во Џебното кино-МКЦ, во 20 часот.
Овој пат домаќин на проекцијата е Интернационалниот фестивал за краток и документарен филм „Докуфест“ од Призрен. Филмската приказна за двајцата пријатели, алкохолот и шумата ќе биде паралелно прикажана во Подгорица, Загреб, Белград, Мост на Сочи и во Скопје.
По проекцијата, публиката може да остане на муабет со гостите во Призрен и публиката од останатите градови.
Во едно село на крајот од Белгија, Боб и Марсел ги споделуваат осаменоста, смислата за хумор и жедта за алкохол. Боб е пензиониран каубој, заљубен во својата слобода и во шумата, а Марсел минува низ семејна драма. Се имаат договорено дека ако нештата тргнат на лошо, ќе се самоубијат и тоа, под Дрвото на животот на Боб. Времето им минува бавно, главно во друштво со чашката. И тогаш, се случуваат Валонскиот карневал, сообраќајната несреќа и неуспешната потрага по синот на Боб. Но, овие двајца не се сожалуваат и заедно пребродуваат сè. Еден ден Марсел ќе реши да престане да пие, но Боб одбива да му се придружи. И така тече приказната за смртноста во место каде што се чини дека времето застанало. Билет: 50 денари.
„Докувизија“ е партнерски проект на Балканската документарна дистрибутивна мрежа (БДДМ) во која покрај „МакеДокс“, членуваат и „Dokufest“, „Underhill Fest“, „Baš Volim Dokumentarce“, „Slobodna Zona / Free Zone Film Festival“, „Petra PAN FILM Production“ и „Demiurg distribucija“. Поддржан е од Фондот за уметност и култура за Балканот (Balkans Arts & Culture Fund (BAC)).
Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ е основан во Скопје во 2010 година со цел да ја претстави и промовира креативната документарна филмска уметност. Главните три цели на „МакеДокс“ се едукација на млади филмофили, ширење на етичките идеи и придонес во одржувањето и развојот на човековите права. Зачнат со ентузијазмот на една група на доку-љубители, „МакеДокс“ за шест години успеа да прерасне во национална, регионална и светски етаблирана филмска манифестација со над 80 проекции годишно, придружена со изложби, дебати, работилници, мастер-класови и музички настани.