9 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗапочна проектот Растеме здраво, едукативни работилници за здрава храна за деца

Започна проектот Растеме здраво, едукативни работилници за здрава храна за деца

zdrava-hrana

Во вторникот Започна кампањата под името „Растеме здраво“ која е проект на шеф Огненовски во соработка со скопската општина Карпош и се состои од едукативни работилници за подигнување на свеста кај родителите за значењето на здравата исхрана и доближување на можностите за приготвување здрава храна за своите дечиња.

Со првата фаза ќе се опфатат сите градинки во Општина Карпош, а потоа проектот продолжува во основните училишта. Работилниците ќе ги предводи шеф Влатко Огненовски, кој е познат гастроном и готвач.

Во Форца кафе бар и ресторан, Шеф Огненовски и градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски официјално ја претставија кампањата Растеме Здраво пред медиумите. Присутните имаа можност да се запознаат со проектот и воедно да ја дегустираат здравата храна приготвена од шеф Огненовски.

Сашо Лазаровски, претседател на Советот на Општина Карпош на прес-конференцијата изјави „На огромно задоволство на општина Карпош, овој проект ‘Растеме здраво’ започнува токму кај нас. Општината Карпош ги поддржува сите настани кои се однесуваат на најмладите категории и со овој проект ќе ги научиме како да го чуваат своето здравје и здраво да се хранат“.

,,Македонија изобилува со сезонски овошја и зеленчуци. Нашата земја има се што ќе посакате. Потребно е сите заедно да ја реставрираме традиционалната македонска кујна која содржи сезонски домашни состојки. На овие работилници ќе разговараме, ќе готвиме, ќе дегустираме вкусна и здрава храна“, рече познатиот шеф Влатко Огненовски на средбата со новинарите.

Првата работилница е во градинката „Мајски цвет“ во населбата Тафталиџе и продолжува во другите градинки во целата општина. Родителите кои ќе ги посетат овие работилници ќе добијат директни насоки за начинот на кој треба да ја приготват храната за своите деца, а ќе добијат прилика и да ја дегустираат истата. На крајот на секоја презентација, тие ќе добијат брошура со неделни рецепти, изготвена од шеф Огненовски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП