3 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАБериќет - Ретроспектива на филмови за обреди

Бериќет – Ретроспектива на филмови за обреди

beriket 300

Во Музејот на Македонија во тек е изложбата „Црвен петел – црна кокошка: култови на плодноста, обреди и верувања“, која презентира разновидни археолошки и етнолошки предмети што се користени во ритуалите или содржат одредени симболички обележја.

Како составен дел од изложбата предвидени се неколку настани поврзани со ритуали што се изведуваат за стимулирање на плодноста на луѓето, природата или пак на годината.

Еден од тие настани е ретроспективата на неколку уметнички и документарни филмови во кои се екранизирани некои од обредите поврзани со додолките и џоломарите. Филмовите „Бериќет“ и „Ливада“ се во режија на Митко Панов, додека автор на документарецот „Џоломари“ е етнологот Владимир Боцев. Во рамките на овој настан, авторите ќе имаат кратки излагања поврзани со создавањето на овие филмови и ритуалите што се обработени во нив.

Ретроспективата ќе се одржи во четврток, во 12 часот во кино салата на Музеј на Македонија.

Митко Панов е еден од најреномираните македонски режисери, кој во своите филмови често обработува содржини поврзани со традиционалните култури во Македонија и на Балканот. Тој е добитник на многу престижни награди, меѓу кои и „Златна палма“ на Канскиот филмски фестивал за филмот „Со кренати раце“.

Владимир Боцев е етнолог кој често ги ползува документарните филмови како алатка во оваа наука. Тој во своите филмови се осврнува на разни видови обреди, обичаи и занаети карактеристични за повеќе етнички групи во Македонија. За своите фимови има добиено неколку награди, а воедно е директор на фестивалот за етнолошки документарни филмови.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП