На Волстрит цените на акциите во вторникот значително паднаа поради падот на цените на сировините, а под притисок се најде и автомобилскиот сектор поради скандалот со Volkswagen.
Индексот Dow Jones ослаби за 1,09 отсто, на 16.330 поени, додека индексот S&P 500 се лизна за 1,23 проценти, на 1.942 поени, а индексот Nasdaq за 1,50 отсто, на 4.756 индексни поени.
Сите десет сектори на S&P 500 индексот во вторникот изгубија на вредност, а најмногу за 1,8, отсто паднаа цените во рударскиот сектор. Тоа е последица на падот на цените на индустриските метали, како што се бакарот и алуминиумот, поради стравувањата на вложувачите од слабеење на побарувачката, имајќи го предвид забавувањето на растот на кинеската економија, најголемиот светски потрошувач на сировини. Падна, за околу 2 отсто, и цената на нафтата на американскиот пазар, што ги притисна акциите во енергетскиот сектор.
Остро паднаа и цените на акциите во автомобилскиот сектор, при што цената на акциите на „Volkswagen“ втор ден по ред се стрмоглави за повеќе од 19 отсто, бидејќи на германскиот гигант во САД му се заканува казна од 18 милијарди долари поради обвинувањата дека во неговите возила има софтвер кој ја оневозможува исправната контрола на емисијата на гасови. По САД, во вторникот и Јужна Кореја најави истрага за неколку модели возила на германскиот производител.
И цените на акциите на компаниите „Delphi Automotive“ и „BorgWarner“, добавувачи на „Volkswagen“ паднаа меѓу 3,4 и 7,5 отсто. Потресот во секторот не го избегнаа ниту другите автомобилски компании, па така акцијата на „Ford“ поевтини за 2,8 отсто.
Инвеститорите се несигурни и поради пораките од челниците на американската централна банка Federal Reserve (Fed) дека до крајот на годинава клучните каматни стапки во САД сепак можат да бидат зголемени.
Остро во вторникот, за 1,7 отсто, паднаа и цените на акциите во биотехнолошкиот сектор, веќе втор ден по ред. Тоа е последица од планот на претседателската кандидатка на Демократската партија, Хилари Клинтон, кој би требало да го запре дивеењето на цените на специјализираните лекови.
Сепак, пазарите последните седмици најмногу се под притисокот поради стравувањата од последиците од забавувањето на растот на кинеската економија, што би можело да наштети на целокупната светска економија. Поради тоа, индексот S&P 500 е во минус во однос на почетокот од годинава за 5,6 отсто.