26 април, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОЧешка храбро падна, Србија оди во полуфиналето

Чешка храбро падна, Србија оди во полуфиналето

srbija-cheshka

Србија е третиот полуфиналист на Европското првенство во кошарка откако во четвртфиналниот меч славеше над Чешка со (21:21, 24:21, 22:21, 22:12 ).

Чесите му пружија жесток отпор на фаворитот, покажаа дека не случајно стигнаа до четвртфиналето, на крајот не можеа да го издржат темпото на противникот и потклекнаа во последната четвртина.

Маестрален меч одигра Теодосиќ кој ја предводеше Србија со 12 поени и 14 асистенции (нов рекорд на европските првенства), Бјелица го следеше со 14 поени и 10 скокови, додека Ерцег со 20 поени беше најефикасен во српската репрезентација.

Кај Чесите блескаа Весели со 23 поени и 10 скока, односно Саторански со 20 поени, четири скока и четири асистенции.

Силно во одбраната и многу нервозно во нападот, така двете репрезентации го започнаа натпреварот. Србите уште од стартот ја затвораа пик играта на релација Саторански-Весели, што му отвори простор на Шилб кој ја носеше Чешка до предност од 5:12.

Во наредните минути Чесите ја одржуваа стекната предност се до последните три минути кога Србите благодарение на Ерцег и Недовиќ фатија приклучок, стигнаа до минимална предност од 19:18, но Шилб кој во првите 10 минути постигна 11 поени се погрижи по првиот период да биде нерешено (21:21).

Вториот период започна во знакот на високите играчи на Србија Радуљица и Ерцег кои на својот тим му донесоа предност од пет поени (34:29), но Саторански и Хрубман го израмнија резултатот (36:36).

На две минути пред полувремето повторно Ерцег стапи на сцена кој постигна шест поени во низа, па Србија на паузата замина со предност од 45:42.

На почетокот на третиот период ниската петорка на Србија им зададе многу проблеми на Чесите, Теодосиќ со асистенции го ‘хранеше’ Радуљица кој ја однесе својата репрезентација до плус седум (49:42, 54:47).

Чесите не мислеа да се предадат преку Саторански и Весели не му дозволија на противникот да се ‘одлепи’ , па Србија по 30 минути игра имаше четири поени повеќе (67:63).

Во последниот период целосно до израз дојде поширокиот избор на играчи кој го има српскиот селектор, Чесите почнаа да го губат здивот, покрај тоа проработи и шутот за три поена на Србите.

На три ипол минути до крајот Србија стигна до 84:72 со што го реши прашањето на победникот.

Србија во полуфиналето ќе игра со победникот од четвртфиналната пресметка против Италија и Литванија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП