Преговорите меѓу делегациите на Соединетите Американски Држави и Кина за царинските давачки ќе продолжат денес во Женева, потврди неименуван функционер запознаен со преговорите.
Досега нема индикации дали е постигнат напредок за време на состанокот меѓу американскиот секретар за финансии Скот Бесант и кинескиот потпретседател Хе Лифенг, на преговорите што започнаа во саботата и траеја повеќе од десет часа, објави АП.
Разговорите се водат во вилата на швајцарскиот амбасадор во Обединетите нации во Женева, а Хе Лифенг и Скот Бесант се среќаваат во градот по неделите на зголемени тензии околу царините за стоки меѓу двете најголеми економии во светот, кои се подигнати на повеќе од 100 проценти.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека се постигнува „голем напредок“ во тековните преговори меѓу САД и Кина за царините што ја загрозуваат глобалната економија, а исто така наговести дека е можно „тотално ресетирање“.
Трамп посочи дека преговорите за намалување на американските царини се иницирани од Кина.
„Многу добар состанок денес со Кина, во Швајцарија. Многу се дискутираше, многу беше договорено. Целосното ресетирање беше договорено на пријателски, но конструктивен начин“, напиша Трамп вчера на платформата Truth Social.
Тој оцени дека досега е „постигнат голем напредок“ во преговорите меѓу американската и кинеската делегација.
Кинеската официјална новинска агенција Синхуа соопшти дека разговорите во Женева се одржале „на барање на американската страна“ и дека Кина се согласила со нив „откако целосно ги разгледала глобалните очекувања, националните интереси и апелите на американските бизниси и потрошувачи“.