20 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОАмериканци на ЕП, Хендрикс просечен

Американци на ЕП, Хендрикс просечен

hendriks

Европското првенство во кошарка стигна до четвртфиналето, а во наредните два дена ќе биде познато кои четири селекции ќе се борат за медалите и за директен пласман на Олимписките игри во Рио де Жанеиро.

Според прогнозите пред почетокот на ЕП само Хрватска киксна и не успеа да се најде меѓу најдобрите осум.

Интересно меѓу најдобрите осум само две репрезентации во своите редови имаат „европски Американци“ (Чешка, Италија), додека Шпанија го има натурализираниот Црногорец Никола Миротиќ.

Сите останати селекции кои имаа натурализиран Американец во своите редови веќе ги завршија своите настапи, а она што е заблежливо дека Али Мохамед алијас Боби Диксон најмногу и помогна на својата репрезентација.

Да се има странец во своите редови не значи по автоматизам и добар резултат, вообичаено репрезентациите со ангажман на странец се обидуваат да ги ‘пополнат дупките’ на одрени позиции.

Сепак од моментот кога ФИБА Европа го воведе правилото за натурализација на еден странец, имаше и позитивни примери, во 2007 година Џеј Ар Холден заедно со Андреј Кириленко ја однесе Русија до титулата европски првак, а во 2011 година Лестер Бо Мекејлеб и помогна на Македонија да стигне до четвртото место.

Како играа „европските Американци“ на тековното ЕП:

Ричард Хендрикс (Македонија):

Уште во квалификациите беше јасно дека на Македонија и е потребен центар, а не плејмејкер и МКФ го одбра Хендрикс. Американецот даде голем придонесе во квалификацискиот циклус преку кој Македонија избори пласман на ЕП, на кое Хендрикс одигра просечно. На пет натпревари Американецот со македонски пасош постигна 30 поени и имаше 28 скокови, во просек по натпревар шест поени и 5,6 скока.

Али Мухамед (Турција):

Најдобар од сите натурализирани играчи на овој турнир. Инаку неговото вистинско име е Боби Диксон и е долгогодишен играч на Пинар Каршијака, а во новата сезона ќе игра за Фенербахче. Со добивањето на турскиот пасош го смени името, а бидејќи спортски идол му е Мохамед Али, логичен е избор на името.

Турција во првата фаза беше во ‘групата на смртта’ забележа три победи (Италија, Исланд, Германија) и два порази (Србија, Шпанија), а во осминафиналето Франција беше пресилен ривал. Диксон ЕП го заврши со просечни 15 поени и 4,8 асистенции и заедно со Ерсан Иљасова беше најдобриот играч на Турција.

Блејк Шилб (Чешка):

Овој Американец кој кус период во предминатата сезона играше во соседството (Црвена ѕвезда), а сезона пред тоа беше најдобриот стрелец во францускиот шампионат, одлично се вклопи во играта на Чешка која блеска на ова ЕП.

Шил со просечни 11,8 поени по натпревар, за едно со првите ѕвезди Саторански и Весели, даде значаен придонес за пласманот на Чешка во четвртфиналето.

Џером Рендл (Украина):

Овој плејмејкер ја предводеше Украина на ова ЕП и со просек од 13,2 поени беше втор стрелец во тимот зад Фесенко. Сепак Рендал не можеше да и помогне на Украина, која играше без неколкумина играчи, да ја мине првата фаза.

Мет Лоџески (Белгија):

Одличниот крилен кошаркар ќе остане запаментен по кошот со звукот на сирената со која Белгија забележа сензационална победа над Литванија. Крилото на Олимпијакос шампионатот го заврши со просечни 11,7 поени по натпревар. Белгија играше во осминафиналето каде беше убедливо поразена од Грција.

Џамар Вилсон (Финска):

Финскиот Американец одигра одлично на ова ЕП, со просек од 12 поени ја предводеше Финска до втората фаза, каде во осминафиналето Србија беше пресилен противник.

Даниел Хекет (Италија):

Важен играч во ротацијата на селекторот Пјаниџани. Италија ќе игра во четвртфиналето, а Хекет на првите шест натпревари во просек бележ и 3,7 поени, 1,7 скока и 2,8 асистенции. Во клубот е поефикасен но на ЕП реализицијата им е препуштена на Галинари, Белинели и Џентиле.

Џејкоб Пулен (Грузија):

Талентиран плејмејкер кој покажа малку од својот талент на ЕП. Реализицијата му беше само 32 отсто, со просечни 7,2 поени по натпревар. Инаку Пулен е рекордер во шпанското првенство, на почеткот од годината во дресот на Барселона против Ваљадолид постигна 12 тројки од 15 обиди.

Д’ор Фишер (Израел):

Искусен центар (34) кој долги години игра на европските терени. Годините не го спречија да одигра добар турнир имаше реализација од 75,9 отсто и просечни 9,4 поени и 4,4 скока по натпревар. Израел мина во осмина финалето, но таму Италија беше немилосрдна.

Еј Џеј Слотер (Полска):

Познат како пеколен шутер, играчот на Панатинаикос не го оправда реномето на ова ЕП. Најмногу разочара во шутут за три поени, каде имаше реализација од 17,4 отсто. Слотер првенството го заврши со 9,5 поени и пет асистенции по натпревар, а Полска не можеше подалеку од осминафиналето.

Алекс Ренфро (Босна и Херцеговина):

Неиграњето на Телетовиќ, Нуркиќ и Џедовиќ беше преголем хендикеп за БиХ, кој нигту Ренфро не успеа да го надополни. Со просек од 6,4 поени и 4,4 асистенции по натпревар играчот на Баерн Минхен на репрезентацијата и помогна да забележи една победа на турнирот.

Донте Дрејпер (Хрватска):

Влезе во тимот на неколку дена пред почетокот на ЕП, откако се повреди Оливер Лафајет. Физички неподготвен одигра бледо како и целата хрватска репрезентација. Играше по осум минути во просек, а постигнуваше по 0,8 поени во просек.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП