Цените на акциите на Волстрит во вторникот потонаа за речиси три отсто, откако новите податоци потврдија дека растот на кинеската економија забавува, што би можело негативно да влијае на целата глобална економија.
Dow Jones падна за 2,84 отсто, на 16.058 поени, додека S&P 500 потона за 2,96 отсто, на 1.913 поени, а Nasdaq се намали за 2,94 отсто, на 4.636 поени.
Остриот пад на цените на акциите е последица на податокот за падот на производните активности во Кина, што ги зајакна стравувањата од остро забавување на втората по големина кинеска економија.
Податоците што вчера ги објавија кинеските власти укажуваат дека PMI индексот на производствени активности во август паднал од 50 на 49,7 поени, најниско ниво за три години. Уште се послаби податоците на компанијата Markit, според кој PMI индексот паднал на само 47,3 поени, најниско ниво од октомври 2009 година.
Поради слабење на светската економија и можното зголемување на каматите на американската централна банка S&P 500, Dow Jones и Nasdaq во август паднаа од 6,3 до 6,9 отсто, што е најголема месечна загуба од 2012 година.
Иако инвеститорите се надева дека септември може да започне со нагорна корекција, и вчера индексите остро паднаа, по што вредноста на S&P 500 сега е за 10 отсто пониска во однос на највисокото ниво достигнато во мај.
„Откако берзата во август падна по стапки кои со години ги немаме видено, зазвони алармот за тревога, а продолжената несигурност во врска со Кина дополнително ги загрижи инвеститорите“, вели Мохамад Ама, директор во фондот beam Capital Management.
На забавување на растот на глобалната економија вчера предупреди и претседателката на ММФ, Кристин Лагард, која рече дека растот во оваа година во светот ќе биде послаб од проценките од пред два месеци.
Најмногу, за над 7 отсто, потона цената на нафтата, по силниот раст во претходните три дена, поради што вчера најголем губитник беше енергетскиот сектор со пад од 3,7 отсто. На вредноста загубија и сите останати сектори.