3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕвропските берзи повторно во минус

Европските берзи повторно во минус

berza frankfurt

Цените на акциите на европските берзи повторно се стабилизираа во надолен тренд бидејќи инвеститорите не се сигурни дека новите мерки на кинеските власти ќе успеат да ги променат трендовите во економијата.

FTSEurofirst индексот на 300 водечки европските акции околу 11.00 часот беше во минус 2 отсто, откако вчера скокна за 4,2 отсто.

Лондонски FTSE индекс истовремено беше во минус 1,15 отсто, на 6.011 поени, додека париски CAC се намали за 1,40 отсто, на 4.501 поен, а франкфуртски DAX за 1,45 отсто, на 9.981 поен.

Во понеделникот FTSEurofirst 300 индекс забележа најголем дневен пад од 2008-ма година, за да во вторникот надомести дел од загубите.

Но, европските берзански индекси повторно се во минус бидејќи инвеститорите ги загрижува слабеењето на кинеската економија, која во оваа година би можела да порасне за помалку од 7 отсто, што е најбавен раст за 25 години.

„Мислам дека надолниот тренд и натаму е присутен бидејќи глобалната економија е анемична. Можно е секој раст на цените инвеститорите да го искористат за продажба на акциите“, вели Рихард Грифиц, директор во компанијата Berkeley Futures.

Под најголем притисок денеска се најдоа акциите во рударскиот сектор, што е последица на движење на цените на суровините на најниски нивоа за шест и пол години.

Инвеститорите стравуваат дека забавувањето на кинеската економија, најголем светски потрошувач на суровини, ќе предизвика пад на побарувачката за суровини, а со тоа и на нивните цени.

Под притисок и денеска се акциите на банките, кои значително се изложени на пазарите на капитал.

А во Шангај денеска цените на акциите повторно паднаа, за 1,3 отсто, бидејќи инвеститорите не се сигурни дека новите мерки на властите се доволни за пресврт на трендовите во кинеската економија.

Сепак, падот на цените е забавен, со оглед дека во понеделниот и вторникот кинеските берзански индекси потонаа за 16 отсто.

Вчера кинеската централна банка ги намали клучните каматни стапки за 0,25 отстотен поен, на 4,6 отсто, додека стапката на издвоени девизни резерви на големите банки се намали за 18 отсто. Со тоа на кинеските финансиски пазари ќе им бидат вбризгани над 100 милијарди долари свежи пари, што би требало да го поттикне кредитирањето и растот на економијата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП