Цената на акциите на Волстрит паднаа трет ден по ред бидејќи записникот од седницата на Фед предизвика загриженост во врска со светската економија, особено во Кина.
Dow Jones ослабна 162 поени или 0,93 отсто, на 17.348 поени, додека S&P 500 се намали за 0,83 отсто, на 2.079 поени, а Nasdaq за 0,83 отсто, на 5.019 поени.
Најмногу вчера падна рударскиот сектор за 1,2 отсто, бидејќи цената на нафтата и на останатите сировини, вклучително бакарот, потонаа на најниско ниво за шест години. Поради тоа остро падна и енергетскиот сектор.
Падот на цената на сировините е последица на стравувањето на инвеститорите дека ќе ослабне побарувачката, со оглед на забавувањето на растот на кинеската економија, најголем светски потрошувач на сировини.
Загрижува и надолниот тренд на кинеските акции, кои за два дена загубија над 8 отсто и покрај мерките на кинеските власти за стабилизација на берзите.
„Во Кина состојбата се влошува, што не е добро за раст на глобалната економија. Тоа влошување може да му наштети на американскиот извоз и индустрија“, вели Дон Еленберг, стратег во компанијата Federated Investors.
Челниците на американската централна банка исто така се загрижени поради забавувањето на растот на глобалната економија, особено на кинеската. Во вера објавениот записник од минатата седница челниците на Фед искажаа загриженост во врска со ниската инфлација, а задоволни се само од подобрувањето на американскиот пазар на труд.
По објавата на записникот, спласнаа и очекувањата дека Фед веќе од септември ќе ги намали каматните стапки.
„Поради падот на цената на сировините во Кина и стагнацијата на платите во САД, се чини дека инфлацијата во САД е далеку од целното ниво на Фед, а тоа значи дека централната банка веројатно нема уште во септември да ги зголеми каматите“, вели Еленберг.
И на европските берзи цените на акциите вчера остро паднаа. Лондонски FTSE индекс ослабна за 1,88 отсто, на 6.403 поени, додека франкфутски DAX потона за 2,14 отсто, на 10.682 поени, а париски CAC за 1,7 отсто, на 4.884 поени.